ММФ ja задржа прогнозата за 6% глобален раст годинава

38

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја задржа прогнозата за раст на светскиот бруто домашен производ на 6% за оваа година, колку што беше проекцијата и во април, додека за 2022-ра ја зголеми проценката за 0,5 процентни поени на 4,9%.

Според ажурираниот, јулски извештај Светски економски изгледи 2021, којшто го претстави главната економистка на ММФ, Гита Гопинат, од април дополнително се продлабочи економскиот јаз меѓу развиените земји и економиите во развој.

Тоа, како што објаснува Гопинат, е последица од нееднаквиот пристап до вакцина и динамика на вакцинирање во одредени региони во светот и намалување на државните мерки за економска поддршка.

ММФ значително ја зголеми проекцијата за раст на САД за оваа година во однос на априлската проекција и тоа за 0,6 процентни поени на 7%, додека за 2022-ра година ја зголеми проценката за 1,4 процентни поени на 4,9%.

Во исто време, ММФ ја намали прогнозата за раст на Индија за оваа година за три процентни поени на 9,5%, но и на Кина за 0,3 процентни поени на 8,1%, повикувајќи се на намалените јавни инвестиции и вкупната фискална поддршка на кинеските компании.

Што се однесува за еврозоната, ММФ сега очекува раст на БДП од 4,6% во тековната година, што е за 0,2% повеќе од априлската проекција, додека за следната година се проектира 4,3% или 0,5 процентни поени повеќе.

Фото: Facebook