За 666,47% зголемена полугодишната добивка на Стопанска банка Битола

112

Стопанска банка Битола, во период од први јануари до 30-ти јуни оваа година, прикажа добивка од 401.791.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од минатата година, добивката на банката беше на ниво од 52.421.000 денари.

“Од аспект на оперативното работење, фокусот беше ставен на наплата на нефункционалните и претходно отпишани побарувања, што заедно со редовните приходи од работењето придонесоа за остварување позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 30.6.2021 година, односно нето добивка во износ од 401,79 милиони денари, што е значителен пораст на добивката за 666,47% споредено со истиот период од минатата година“, стои во Образложението кон остварениот финансиски резултат.

Нето-приходите од камати за периодот 1.1.2021 – 30.6.2021 година изнесуваат 145,71 милиони денари, што претставува 82,43% остварување на планот за вториот квартал од 2021 година. Во услови на надолен тренд на активните каматни стапки на ниво на банкарски сектор, повеќекратното намалување на основната каматна стапка на НБРСМ и поради останатите мерки што се преземаа во врска со настанатата ситуација со вирусот ковид-19, приходите од камати се пониски за 4,02% споредено со периодот 1.1.2020 – 30.6.2020 година. Со цел да се неутрализира ваквиот ефект, фокусот беше ставен на контрола на расходите по камати, кои забележаа подинамично намалување од 15,23%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 12,12% односно 7,78 милиони денари споредено со претходната година. Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентиран годишен раст од 12,69 милиони денари споредено со остварените приходи од провизии и надоместоци во периодот 1.1.2020 – 30.6.2020 година, додека расходите пораснаа за 4,91 милиони денари. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за вториот квартал од 2021 година за 17,12%.

Фото: Pixabay