ММФ: Белорусија ќе добие околу една милијарда долари од СПВ

66

Белорусија ќе добие финансиска помош од 1 милијарда долари од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Ова ќе следи по одлуката за распределба на специјалните права на влечење (СПВ) помеѓу земјите -членки на ММФ, која стапи на сила на 23 август. Информацијата ја соопшти извршната директорка на ММФ – Кристалина Георгиева.

СПВ се резервни средства креирани од ММФ кои земјите членки можат да ги чуваат како дел од своите официјални резерви или, пак, да ги искористат за плаќање долгови и камати, за идно зголемување на квотата во ММФ или за други буџетски потреби.

Нивниот девизен курс се одредува врз основа на девизниот курс на конвертибилни валути – долар, евро, јен, британска фунта и јуан. ММФ последен пат го користеше овој инструмент во 2009 година за поддршка на глобалната економија по глобалната финансиска криза. Во тоа време, околу 190 земји -членки на организацијата добија такви средства во обем што одговара на нивните квоти во ММФ и големината на нивните економии во однос на светот, потсетува „Дојче веле“.

Оваа година, финансиската помош на ММФ во форма на СДР изнесува 650 милијарди долари.

Фондот го ограничи пристапот до СДР за земји како Венецуела, Мјанмар и Авганистан со образложение дека прашањето за легитимноста на власта во тие земји не е конечно решено.

Што се однесува до Белорусија, условниот сопственик на средствата обезбедени од ММФ ќе биде Народната банка. Парите нема да бидат уплатени директно во буџетот или дадени на стечајни државни претпријатија. Меѓутоа, условниот буџетски дефицит може да се финансира од СПВ преку многу различни процедури.

Претходно, лидерот на опозицијата Светлана Тихановскаја ги повика Кристалина Георгиева и секретарот за финансии на САД, Џенет Јелен, да го блокираат пристапот на актуелните белоруски владетели до средствата за СПВ и да ја замрзнат размената на конвертибилни валути, додека не се одржат нови, слободни избори во Белорусија.