Групацијата Alibaba претставува нов серверски чип базиран на напредна технологија од 5 нанометри, што претставува пресвртница во борбата на Кина да обезбеди доволно полупроводници.
Најновиот чип од кинескиот технолошки гигант е базиран на микро-архитектурата обезбедена од Arm Ltd., сопственост на SoftBank Group, се наведува во официјалното соопштение. Alibaba, која го одржува својот годишен „cloud самит“ во градот Хангжу, објави дека многу потребните силиконски производи ќе бидат пуштени во употреба во нивните центри за податоци во блиска иднина и дека нема да ги продаваат за комерцијални цели, барем засега.
„Прилагодувањето на нашите сопствени серверски чипови е во согласност со тековните напори за зголемување на нашата компјутерска моќ со подобри перформанси и подобрена енергетска ефикасност“, рече Џеф Жанг, претседател на Alibaba Cloud Intelligence и шеф на истражувачката група на компанијата Damo Academy, пренесе „Блумберг“. „Планираме да ги користиме чиповите за поддршка на тековниот и идниот бизнис низ екосистемот на групацијата Alibaba“.
Со пандемијата што ја поттикнува зголемената побарувачка за облачни услуги, технолошките гиганти низ целиот свет се повеќе бараат помоќни и енергетски ефикасни полупроводници за да добијат предност. Серверскиот чип на Alibaba, е еден од најнапредните произведени во Кина до денес, и може да им се придружи на глобалните ривали како Amazon и Google во постепено заменување на полупроводниците од традиционалните производители, како што се производите на Intel и AMD прилагодени на нивните центри за податоци и бараниот обем на работа.
Овој развој на настаните сигнализира како кинеските напори да изградат домашна индустрија за полупроводници даваат резултати. Владата на Си Џинпинг ја направи технолошката самодоволност врвен национален приоритет, распределувајќи милијарди државни средства и нуди широк спектар на политичка поддршка за да им помогне на локалните компании да ги надминат американските индустриски санкции.
„Alibaba“ е една од многуте кинески компании што се одзваа на поканата на Пекинг да инвестира во развој на најмодерни технологии и производствени капацитети. Познат како Yitian 710, серверскиот чип е всушност третиот полупроводник што гигантот во е-трговијата го воведе од 2019 година, по чиповите наменети за АI (вештачка интелигенција) и IoT (Интернет на нештата).