Брегзит драстично ја поскапе трговската размена на Британија и ова е само почеток

Излегувањето на Велика Британија од Европската унија драстично ја поскапе трговијата во Велика Британија, а тековната пандемија дополнително ја искомплицира кризата. Ова го посочува новиот извештај на Комитетот за јавни сметки (PAC), цитиран од локалните медиуми.

Според извештајот, бирократијата како и доцнењето на границите не ветуваат добро.

Гласовите на поддржувачите на „Брегзит“, кои велеа дека излегувањето на земјата од ЕУ ќе и овозможи на земјата да ја добие својата финансиска независност и сила, се слушаат се поретко. Спротивно на тоа, противниците на „Брегзит“, кои предупредија дека напуштањето на ЕУ е како чин на самоубиство што ќе ја направи Британија посиромашна и поизолирана, се повеќе се слушаат.

И покрај потпишувањето на голем број нови трговски договори по напуштањето на блокот, вклучително и таканаречените реверзибилни договори, кои овозможија трговијата со повеќе од 60 земји да продолжи под слични услови како оние, кои се користеа кога Обединетото Кралство сè уште беше членка на ЕУ, влијанието на Брегзит во синџирите на снабдување на Британија е навистина огромно, пишува „Politico“.

И додека трговијата сепак е погодена од пандемијата и глобалните ограничувања на снабдувањето, Комитетот за јавни сметки откри дека „напуштањето од ЕУ покажа
негативно влијание и дека новите гранични договори додадоа дополнителни трошоци за бизнисот“.

„Едно од големите ветувања на Брегзит беше „ослободување“ на британскиот бизнис за да му се овозможи да ја зголеми својата продуктивност и придонес во економијата“, рече Мег Хилиер, претседател на Комитетот, цитирана од Би-Би-Си.

„Сепак, единственото забележително влијание досега беа зголемените трошоци и доцнењето на границите“, додаде таа.

Поддржувачите на Брегзит продолжуваат да инсистираат дека може да има дополнителни трошоци за економијата на земјата на краток рок додека таа се прилагодува, но ќе има значителни политички и економски придобивки од напуштањето на ЕУ на долг рок.

Комитетот за јавни сметки предупредува дека владата на Велика Британија треба да заврши значителна работа за да ја олесни прекуграничната трговија за локалните бизниси. Во секој случај, излегува дека работите се многу поинакви сега отколку пред пандемијата.