Карастојанова: Авио-линијата „Софија-Скопје“ отвора нов хоризонт за економијата во регионот

Авио-линијата „Софија-Скопје“ отвора нов хоризонт на можности за економијата, бизнисот и туризмот. Ова пред новинарите го изјави извршната директорка на Националниот одбор за туризам д-р Полина Карастојанова, која е дел од бугарската бизнис делегација која денеска пристигна во главниот град на земјава.

„Денеска беше промовиран амбициозен бизнис план за економски развој и туристичка размена“, рече таа за возобновената авио-линија, која се очекува да стане редовна од почетокот на следниот месец.

„Софија и Скопје можат природно да станат блиски како Софија и Пловдив, или Скопје и Охрид. Може да се разменуваат туристи, деловни патувања и конгресни настани што можат да не поврзат“, смета таа.

Според неа, транспортното поврзување меѓу двете земји ќе ја подобри и размената во областа на културата и образованието.

Двете земји, смета, направиле уште еден чекор кон развој на заеднички туристички производ.

„Тешко дека би очекувале интерес од Делхи, Шангај или Тексас само во Софија или Скопје. Меѓународната практика покажува дека интересот на далечните пазари во помалите региони, како што е нашиот, подразбира две или три застанувања во текот на патувањето. Тука го имаме предизвикот до Софија и Скопје да додадеме трета дестинација во регионот за да бидеме навистина конкурентни“, додаде Полина Карастојанова.