Германски индустријалци: 2022 година ќе биде потешка од очекуваното

Високите цени на енергијата и суровините и тесните грла во снабдувањето ќе го попречат растот на германската економија оваа година, предупреди Здружението на германските стопански и индустриски комори (DIHK).
Во такви услови, DIHK ја намали прогнозата за раст на најголемата европска економија годинава за 0,6 процентни поени и сега предвидува дека таа ќе се зголеми за три отсто оваа година, пренесува Хина.

„Ова значи дека нашиот бруто домашен производ (БДП) најверојатно нема да го достигне нивото пред кризата пред средината на годината“, рече извршниот директор на DIHK, Мартин Ванслебен.

Меѓу позначајните негативни фактори го посочи недостигот од квалификувани работници.

Загриженост на компаниите

Дополнително, владините мерки за забавување на климатските промени значат повисоки трошоци за компаниите, па многумина стравуваат дека нивната позиција на светските пазари ќе се влоши, предупреди Ванслебен.

Повеќето компании се помалку оптимисти за деловните изгледи оваа година – нешто помалку од една четвртина од нив сега очекуваат подобар бизнис во следните 12 месеци, според истражувањето спроведено претходно оваа година меѓу речиси 28.000 компании.

Германската влада годинава предвидува економски раст од 3,6 отсто, потсетува агенцијата dpa.