Bosch инвестира уште 250 милиони евра во производство на полупроводници

136

Германската технолошка компанија Bosch најави дека ќе инвестира дополнителни 250 милиони евра во домашното производство на чипови во градот Ројтлинген, проширувајќи ги своите капацитети во периодот на глобален недостиг на клучни компоненти за автомобилската индустрија.

Компанијата веќе најави дека ќе инвестира околу 400 милиони евра во сопствено производство на чипови во Дрезден и Ројтлинген во родната Германија и во Пенанг, Малезија, потсетува агенцијата Dpa.

„Оваа инвестиција е од корист за нашите клиенти и ќе помогне во светската криза во снабдувањето со полупроводници“, изјави извршниот директор на германската компанија Стефан Хартунг.

Кризата во снабдувањето со полупроводници и други електронски компоненти создава големи проблеми за многу сектори, особено автомобилската индустрија и го ограничува производството.

Хартунг нагласи дека не очекува проблемите со снабдувањето да се смират пред следната година.