Западните сојузници договорија нови финансиски санкции против Русија поради инвазијата на Украина, се согласија да ги исклучат руските банки од системот SWIFT, објави агенцијата „Франс прес“.
Свифт е глобален платен систем кој овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите и поврзува 11 000 банки и институции во повеќе од 200 земји.
Забраната за Русија да го користи системот што го користат илјадници финансиски институции – ќе ја погоди банкарската мрежа на земјата и пристапот до средства.
Што е SWIFT?
SWIFT претставува кратенка од Society for worldwide interbank financial telecommunication или здружение за меѓународни, меѓубанкарски финансиски телекомуникации.
SWIFT е основан во 1973 година од 239 банки од 15 земји со цел креирање заедничка мрежа за обработка на податоци и комуникација со помош на заеднички јазик за меѓународни финансиски трансакции. Кога соработуваат банките меѓу себе, тоа го прават по однапред утврдени правила и користат банкарска мрежа и софтвер за размена на пораки. Овој софтвер денес го употребуваат над 10.500 финансиски институции од 215 земји.
SWIFT овозможува размена на стандардизирани пораки, коишто се однесуваат на плаќања, тргување, хартии од вредност и слично.
Една од главните предности на овој систем е тоа што е ефикасен, бидејќи на лесен начин се овозможува единствен пристап до различни финансиски институции и системи. Ефикасен е и поради тоа што го скратува временскиот рок за извршување на трансакцијата.
SWIFT се состои од осум или 11 знаци и служи за идентификација на банките во меѓународниот промет.
Постапката оди по овој редослед: налогодавачот дава налог до својата банка – филијалата на банката го прима налогот и го проследува до централата за извршување – коресподентната банка ја проследува SWIFT пораката – банката на налогодавачот испраќа SWIFT порака – банката на корисникот го извршува налогот во корист на корисникот.