Штрајк на работници на германските аеродроми: Откажани бројни летови

Повеќе од 1.000 лица припадници на обезбедувањето денеска ги напуштија работните места на аеродромите низ Германија, што доведе до откажување или одложување на десетици летови.

Безбедносните работници на аеродромите во Берлин, Дизелдорф, Хановер и други градови почнаа еднодневен штрајк на полноќ, барајќи зголемување на платите, јавува агенцијата АП, повикувајќи се на германски медиуми.

Протестот беше организиран како дел од спорот за платите меѓу синдикатот „Верди“ и Федералната асоцијација на компании за воздухопловна безбедност. Синдикатот преговара со здружението на работодавачи за нов колективен договор за околу 25.000 работници од обезбедувањето низ државата.

Три рунди преговори досега не дадоа резултати. Двете страни планираат да се сретнат во Берлин кон крајот на оваа недела за понатамошни преговори.

„Верди“, кој меѓу другото бара зголемување на саатницата за најмалку едно евро, најави дека во штрајкот учествуваат околу 1.350 вработени низ државата.