Волстрит нагло порасна, ФЕД ги зголеми каматните стапки

85

На Волстрит во средата, цените на акциите драстично пораснаа, втор ден по ред, откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки во согласност со очекувањата и рече дека ќе следуваат дополнителни зголемувања за да се ограничи инфлацијата.

Dow Jones порасна за 518 поени или 1,55 отсто, на 34.063 поени, додека S&P 500 скокна за 2,24 отсто, на 4.357 поени, а индексот Nasdaq за 3,77 отсто, на 13.436 поени.

По дводневната седница, челниците на ФЕД вчера ја зголемија основната каматна стапка за прв пат од 2018 година, за 0,25 процентни поени, а за да ја ограничат инфлацијата, која достигна највисоко ниво во последните 40 години, проценуваат дека каматната стапка на крајот би можела да биде помеѓу 1,75 и 2 отсто.

И додека зголемувањето на каматните стапки за четвртина процентен поен е во согласност со очекувањата на аналитичарите, проценките за растот на каматните стапки до крајот на годината се повисоки од очекувањата на многумина.

Како резултат на тоа, веднаш по пораките на ФЕД, индексот Dow Jones и S&P 500 падна на негативна територија. Но, тие се опоравија по прес-конференцијата на претседателот на ФЕД Џером Пауел.

Пауел рече дека економијата е доволно силна за да ги издржи зголемените каматни стапки и да го одржи сегашниот силен тренд на вработеност и раст на платите. Тој, исто така, рече дека ФЕД мора да се фокусира на ограничување на влијанието на растот на цените врз домаќинствата.

Тој исто така рече дека се очекува инфлацијата да остане над целта на ФЕД од 2 отсто до 2024 година и дека централната банка поагресивно ќе ги зголеми каматните стапки доколку ситуацијата не се подобри.

Поради високата инфлација, но и последиците од војната во Украина, ФЕД ги намали проценките за економскиот раст оваа година од претходните 4 на 2,8 отсто.