Речиси половина од германските компании ги намалуваат инвестициите поради скапата енергија

63

Околу 40 отсто од германските компании веќе ги чувствуваат ефектите од зголемувањето на цените на енергијата, а речиси половина од нив планираат да ги намалат инвестициите, според анкетата објавена во понеделникот.
Речиси 90 отсто од компаниите рекле дека најверојатно ќе бидат принудени да ги зголемат цените, а три четвртини од нив планираат да инвестираат повеќе во енергетската ефикасност, според истражувањето на институтот Ifo објавено од весникот Augsburger Allgemeine.

Една четвртина од компаниите очекуваат ценовниот шок да стане товар во втората половина од годината.

Една од десет компании ја разгледува можноста за целосно повлкување од бизниси кои трошат  многу енергија, а 14 проценти размислуваат за отпуштање работници.

Анкетата опфати 1.100 компании, главно во семејна сопственост, а беше нарачана од Фондацијата Family Business.

„Потребни ни се мерки кои ќе ги поправат нарушувањата на конкуренцијата и ќе го запрат наглото зголемување на цените на електричната енергија“, рече Рајнер Кирхдоерфер, член на одборот на фондацијата.

Германската влада во март објави пакет мерки во вредност од околу 16 милијарди евра, кои имаат за цел да им помогнат на потрошувачите со високите трошоци за енергија и да ја намалат зависноста од рускиот гас по руската инвазија на Украина.

Во март, тарифите за гас и електрична енергија во новите договори за домаќинствата во Германија достигнаа рекордни нивоа, а инфлацијата го достигна највисокото ниво во последните 40 години поради наглиот раст на цените на природниот гас и нафтата поттикнати од руската инвазија.