Европските влади во голема мера одговорија на избувнувањето на кризата со коронавирусот со дарежливи пакети економска помош за зачувување на бизнисот и работните места, а една од мерките за КОВИД во повеќето земји беа заемите што ги гарантира државата.
Во таа смисла, Италија „повлече“ многу повеќе од повеќето други членки на ЕУ: таа гарантираше 277 милијарди евра корпоративни заеми за КОВИД, кои нејзините клиенти сега треба да ги вратат, а на многу претприемачи им е сè потешко да го поднесат притисокот од вртоглавото растење на цените особено нафтата и гасот.
Поранлива група
По пандемијата следи кризата поради војната во Украина, а како и обично, малите бизнисмени се поранливи во такви околности. Според Ројтерс, во случајот со Италија, дури 2,7 милиони мали и средни претпријатија (МСП) земале заеми со државни гаранции за време на пандемијата. Сега се соочуваат со првиот тест за отплата (од јуни), а очигледно за значителен дел од нив тој тест е премногу тежок. За да се избегне бранот затворање и принудна продажба на компании, италијанските власти во потрага по решение размислуваат за вклучување на државна институција за управување со т.н. лоши заеми – AMCO.
Италијанската влада го отвори ова прашање во разговори со раководните структури на Европската унија. Идејата е продажбата на кредити на малите и средни претпријатија да се реализира пред активирање на државните гаранции и да се спречат компаниите да стигнат до работ на колапс во неможноста да ги сервисираат долговите. Идејата е АМСО да го преземе управувањето со овие заеми и на тој начин да им помогне на претприемачите да застанат на нозе.