Со одлуката на Русија да ја нападне Украина, западните автомобилски производители, од различни причини, одлучија да се повлечат од рускиот пазар
Веќе е познато дека голем број автомобилски производители од Европа одлучија да се повлечат од рускиот пазар, откако Русија одлучи да ја нападне Украина. Но, производителите се соочуваат со финансиска катастрофа од незапаметени размери поради својата одлука, пишува германски Spiegel.
Големите конгломерати од „непријателските“ земји, како што ги нарекуваат руските власти и медиуми, како Volkswagen, Mercedes-Benz и Stellantis, ги расходуваа своите вложувања во руската еконмија кои се мерат во милијарди евра, но тоа нема да биде единствениот проблем. Корпорациите ќе мораат да се подготват за мачна правна борба која допрва ги очекува со локалните купувачи.
„Големите производители можат да се соочат со реална закана за наметнат откуп на своите возила од клиентите“, наведува Волкер Трејер, раководител на одделението за надворешна трговија при германската Стопанска комора (DIHK).
Имено, како што гласат повеќето закони во модерниот свет, вклучително тука и Русија, производителите се обврзани во текот на траењето на одреден период, да им овозможат на купувачите пристап до резервни делови. Со други зборови, како и секаде во светот, и во Русија важат закони за заштита на потрошувачите.
Огромен финансиски и корпоративен ризик
Сепак, проблемот е во тоа што голем број од овие делови се наоѓаат на листата на производи кои Европската унија ги стави на листата на санкции. Во согласност со тоа, западните компании го запреа извозот кон Русија. Доколку компаниите не успеат да ги одржат своите законски обврски, купувачите погодени од сето ова би можеле да посегнат по правна заштита. Во еден таков случај, нема да бидат ретки случаевите во кои производителите преку судски пат ќе бидат обврзани да го откупат својот производ назад.
Покрај ова, купувачите би можеле да бидат компензирани поради условената неможност да го користат сопствениот автомобил, поради што финансискиот ризик за компаниите е огромен.
Но, од друга страна, производителите не се вознемирени премногу и длабоко се убедени во тоа дека Русите попрво би ги задржале своите автомобили, отколку да ги вратат, пред се поради неможноста да се набават нови. За ова можеби се и во право бидејќи западните марки веќе не се достапни во Русија, но од друга страна, автомобилите произведени во Кина се повеќе се застапени во земјата.
Преземено од Avtoplus.mk