Правници од Харвард: Дигиталната пиратерија не е кражба

Професорот Дариуш Јемиелниак и д-р Малгоржата Цизиелска разговараа со 50 студенти од еден од најпрестижните светски универзитети, Харвард, во текот на една година. Нивните испитаници беа студенти на магистерски студии по меѓународно право, програма која е многу ценета и тешка, а за пристап се потребни и врвни оценки и диплома по право, како и искуство во професијата. Според тоа, испитаниците биле прилично угледна и информирана група.

Целта на истражувачите била да откријат што мислат овие студенти и правници за дигиталната пиратерија, односно каква е нивната перцепција за бесплатно споделување на дигитални содржини. Спротивно на популарното верување дека адвокатите се многу строги кога станува збор за правото и законите, оваа студија покажа дека тие сè уште имаат малку поблаг поглед на прекршувањето на дигиталните авторски права, заклучиле авторите на студијата.

Според нивната квалитативна студија, спроведена врз основа на 50 длабински интервјуа со адвокати од Харвард, дигиталната пиратерија е прифатлив облик на однесување. Испитаниците сметаат дека е фер, особено ако содржината се споделува меѓу пријателите и за некомерцијални цели. Дигиталната пиратерија не е кражба, преовладува мислењето кај овие адвокати.

Некои од нив, исто така, изразиле став дека луѓето кои прибегнуваат кон дигитална пиратерија не ги прекршуваат другите закони, бидејќи пиратеријата се чини дека е морално најприфатлива од другите форми на кражба (да се потсетиме само на рекламата „не би даунлоадирале автомобил“ која се обидуваше да се поистоветува со „крадење“ копија од филм и автомобил).

„Иако можеби е нелегално, постои широко распространета перцепција дека тоа не е кражба, така што за некои не е проблем да се зборува за тоа во професионален амбиент: разговарав со клиентите за тоа како симнав и гледав некои ТВ емисии“. рече еден од испитаниците.

„Да повикав полиција секогаш кога некој гледа пиратски филмови, немаше да имам пријател“, рече друг.

„Двесте долари за учебник е целосна лудост. Ако има избор, ако некој ги продаде пиратски, јас би ги купил“, вели трет.

Врз основа на добиените податоци, истражувачите заклучија дека законската рамка за заштита на авторските права е застарена, односно дека не е можно да се имплементира во дигиталната ера како што е предвидено.

Заедничката перцепција за фиксна цена за дигитални содржини, исто така, не „држи вода“ во модерното време, па сигурно е дека има простор – во деловното, правното и социјалното опкружување – радикално да се промени парадигмата за заштита на авторските права, се вели во студијата, објавена во Journal of the Association for Information Science and Technology.