Недостаток на литиум веќе во 2030 година

108

Без батерии нема електромобилност, а германската државна агенција за суровини (DERA) најавува дека нивното производство може да биде загрозено до крајот на деценијата.

Според нивните очекувања, со зголемувањето на производството на батерии за автомобили до 2030 година, може да дојде до глобален недостиг на литиум, главната суровина за производство на модерни батерии за автомобили, но и мобилни телефони, преносни компјутери…

DERA пресмета дека во 2030 година, светската потрошувачка на литиум би можела да биде помеѓу 316.000 и 558.800 тони. Во 2020 година светското производство изнесуваше 82.000 тони, од кои само 50 отсто се со доволна чистота за да се користат за производство на батерии, пишува Јутарњи.хр.

За да се задоволат зголемените потреби на автомобилската индустрија, производството на литиум треба да се зголеми седум пати во следните седум години, што е тешко остварливо, имајќи предвид дека производството стагнира на нивоа меѓу 80 и 100 илјади тони во последните четири години.

Во моментов, најголемиот светски производител на литиум е Австралија. Во 2020 година, 49 отсто од вкупното светско производство излезе од нивните рудници. Чиле е втор со 22 отсто, Кина произвела 17 отсто, а Аргентина 7,5 отсто. Така, индустријата за литиум е главно базирана во само четири светски земји, што може да биде дополнителен проблем. Рециклирањето на батериите треба да ја намали потребата за нови извори на литиум, но тоа е сè уште во повој и моментално има само неколку такви пилот проекти во светот.

Од овој проблем особено ќе биде погодена европската индустрија. Прогнозите велат дека со најголеми можни напори, Европа до 2030 година ќе произведува до 34 отсто литиум за сопствени потреби, додека рециклирањето би донело најмногу 10 отсто повеќе. Остатокот треба да се увезе. Најголем европски производител на литиум моментално е Португалија со околу 1 процент од светското производство.

Многу производители на автомобили веќе изразија стравување дека може да има глобален недостиг на батерии за електрични автомобили до 2025 година.