Додека светската економија забавува, Alphabet и понатаму заработува пари

87

И покрај забавувањето на глобалниот економски раст, технолошкиот гигант Alphabet, матичната компанија на Google, забележа силен раст на приходите во минатиот квартал, благодарение на понатамошниот раст на приходите од реклами, пишува Ројтерс.

Alphabet објави приход од 69,69 милијарди долари во вториот квартал, што е за 13 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Инвеститорите се подготвуваат за резултатите со недели, додека аналитичарите ги модерираат проценките за трошоците за реклами. Загриженоста се засили и откако социјалните мрежи Snap и Twitter објавија разочарувачки квартални резултати. Голем број технолошки компании забавуваат или престануваат да вработуваат.

Зголемувањето на платите, како и зголемувањето на цените на горивото и другите производи, принудија некои компании оваа година да ги ограничат инвестициите во маркетингот, вклучително дури и рекламите на онлајн услугите, како што е Google, кои служеа како суштинска врска со потрошувачите за време на пандемијата.

Големите американски компании, вклучително и Alphabet, се исто така погодени од силниот долар во нивните операции во странство.

Рекламниот бизнис на Google учествува со 81 отсто од кварталниот приход, со продажба од 56,29 милијарди долари, што е за 12 отсто повеќе на годишно ниво.

Вкупниот профит на Alphabet изнесуваше 16 милијарди долари.

Google ја прекина продажбата во Русија поради војната во Украина, а приходите од рекламите на YouTube варираат бидејќи популарноста на неговите опции за рекламирање расте и опаѓа.

Но, во рамките на глобалната индустрија за рекламирање на Интернет, вредна 602 милијарди долари, се очекува Google да го задржи својот удел од 29 проценти на пазарот, што го става на врвот на пазарот за рекламирање 12-та година по ред.