Зголемените сметки за електрична енергија и стравот од можни ограничувања резултираа со тоа што некои европски компании за малопродажба веќе ги исклучуваат светлата во продавниците и размислуваат за скратување на работното време во текот на зимата. Од друга страна, некои објекти веќе успеаја да постигнат енергетска одржливост.
Владите и енергетските компании веќе ги повикуваат луѓето и бизнисите да ја намалат потрошувачката на енергија и да смислат планови за вонредни ситуации за да ја намалат зависноста од увезениот гас доколку дојде до недостиг на гас поради војната во Украина.
Австриската подружница на мултинационалниот трговски синџир SPAR на тој начин ќе го скрати времето во кое се осветлуваат огласите пред нејзините продавници и надворешните простори на повеќе од 1.500 деловни единици во Австрија. Ова ќе ја намали потрошувачката на енергија за еден милион киловат часови годишно, рече портпаролот на компанијата, но не ја прецизираше сумата на заштедени пари.
Минатиот месец, шефот на Leclerc предупреди дека најголемиот француски продавач на храна може да го намали работното време на продавниците за да се справи со недостигот на електрична енергија.
Пред нешто повеќе од една недела, ривалскиот француски трговски синџир Carrefour потпиша „EcoWatt Charter“ со националниот енергетски мрежен оператор RTE, со што се намалува потрошувачката на електрична енергија во неговите продавници во периоди на голема побарувачка за електрична енергија на национално ниво.
Некои трговци на мало – вклучувајќи ги белгиските Colruyt и Ahold – би можеле делумно да бидат заштитени од прекини и повисоки трошоци за снабдување со енергија бидејќи веќе спроведуваат програми за одржлива заштеда на енергија.
„Не се планирани конкретни мерки на краток рок, но амбицијата е да продолжиме со нашата енергетска политика. Затоа немаме осветлени реклами, се одлучуваме за затворени замрзнувачи, комори за ладење и слично“, изјави портпаролот на Colruyt.











