Недостигот од 1,2 милиони работници може да го загрози туризмот во Европа

Закрепнувањето на туристичкиот сектор може да биде сериозно загрозено доколку 1,2 милиони работни места низ Европската унија не се пополнат што е можно поскоро, предупреди Европската комисија за патувања. Во последните анализи на секторот предупредуваат на огромен недостиг на работна сила во текот на летните месеци и повикаа итно да се реши овој проблем.

Туризмот изгуби речиси 1,7 милиони работни места во текот на 2020 година, кога пандемијата беше на својот врв. Минатата година, кога состојбата се стабилизираше, а кај патниците се врати желбата за патување, секторот закрепна за околу 30 отсто, а се вратија 571.000 работници

Годинава предвидуваме натамошно закрепнување и раст на туризмот, па дури и пораст во однос на периодот пред пандемијата, се вели во соопштението на ЕТЦ. Како што изјави Џулија Симпсон, претседател и извршен директор на оваа организација, Европа покажа едно од најсилните закрепнувања во туристичкиот сектор. Сепак, голем број работни места сè уште се слободни.

Се предвидува дека најтешко ќе бидат погодени туристичките агенции со 30 отсто помалку работници (речиси едно од три слободни работни места е непополнето).

Проблеми има и во авиопревозот и сместувањето, каде едно од пет работни места е непополнето, што е недостиг на кадар од околу 20 проценти – се наведува во извештајот. Поради сите овие проблеми, ETC и Светската организација за патувања и туризам понудија шест мерки што владите и приватниот сектор можат да ги спроведат за да го решат овој итен проблем.

Според извештајот, неопходно е да се олесни мобилноста на работната сила во земјите и преку границите и да се зајакне соработката на сите нивоа. Потоа да се овозможи флексибилна работа на далечина каде што е можно. Неопходно е да се понудат работни места кои се безбедни и продуктивни за да се привлечат нови таленти и помлада работна сила. И, конечно, треба да се понуди обука за да се има подготвена работна сила, се наведува во овие препораки. ETC, исто така, советува за усвојување иновативни технолошки и дигитални решенија за подобрување на секојдневниот бизнис.

.