Пауел не отстапи од остриот тон за зголемувањето на каматните стапки

83

Шефот на американската централна банка, Џером Пауел не ги разочара инвеститорите и уште еднаш го демонстрираше својот тврд тон во својот говор во Џексон Хол. За време на неговиот говор, Пауел рече дека очекува централната банка да продолжи да ги зголемува каматните стапки на начин што може да предизвика „некоја болка“ во американската економија, објави CNBC.

Невообичаено краткиот говор, кој опфаќа само шест страници, Пауел го опиша како „пократки забелешки, потесен фокус и подиректна порака“. Него го очекуваа инвеститорите цела недела, што предизвика шокови на светските финансиски пазари.

Непосредно пред говорот, Волстрит ја отвори својата редовна трговска сесија во петокот без ниту една насока.

Пауел потврди дека ФЕД ќе ги искористи своите „моќни алатки“ за да ја скроти инфлацијата, која е на највисоко ниво во последните 40 години, иако таа покажа одредено забавување во јули, од годишна стапка од 9,1% претходниот месец на 8,5 проценти.

ФЕД досега ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени, а според Пауел „сега не е време за пауза или запирање“.

„Иако повисоките каматни стапки, побавниот раст и помеките услови на пазарот на трудот ќе ја намалат инфлацијата, тие исто така ќе предизвикаат болка кај домаќинствата и бизнисите. Тоа е, за жал, цената на намалувањето на инфлацијата. Но, неуспехот да се врати ценовната стабилност би значел многу поголема болка “, рече Пауел.

Набргу по неговиот говор, американските берзи светнаа „црвено“.

До 17:20 часот, Dow Jones Industrial Average падна за 0,13% на 33.248,98, S&P 500 падна за 0,22% на 4.189,75, а Nasdaq Composite падна за 0,29% на 12.606 поени.

Податоците претходно истиот ден покажаа дека индексот на цените на личната потрошувачка (PCE) забави на 6,3 отсто на годишно ниво во јули, откако достигна 6,8 отсто еден месец претходно. На месечно ниво, показателот е намален за 0,1 отсто.

Во интервју за CNBC, гувернерот на Банката на федерални резерви на Атланта, Рафаел Бостик, посочи дека податоците од петокот ќе го мотивираат да ги насочи своите ставови кон зголемување на стапката за 50 базични поени, што е намалување од последните два потези од по 75 базични поени.

Сепак, тој истакна дека допрва ќе се објавуваат повеќе податоци кои може да го натераат да се премисли.

Во четвртокот, претседателот на банката Сент Луис, Џејмс Булард, изјави дека верува оти каматните стапки се сè уште премногу ниски и дека инфлацијата може да се покаже поотпорна од очекуваното.

„Основното сценарио веројатно би било дека инфлацијата ќе биде поотпорна отколку што очекуваат многу луѓе на Волстрит и дека ќе биде повисока подолго време – ризик што денес го потценуваат пазарите“, рече Булард.