Исени: Ситуацијата со цените на електричната енергија е алармантна, се доведува во прашање економскиот развој на земјата

100

Долгата енергетска криза и најавите за тешка и студена зима, го вклучи алармот кај стопанствениците. Соочени со исклучително зголемени трошоци за електрична енергија, бараат брза реакција од Владата и јасен план и визија за долгорочно решение.

Во интервју за „Локално“, извршниот директор на Комората на северозападна Македонија, Дриљон Исени потенцира дека доколку до тоа не дојде, голем дел од компаниите делумно или во целост ќе ја прекинат работата и ќе ги отпуштат работниците.

-Според тоа што ни се посочува од страна на членките, повеќето од нив размислуваат за трансфер на нивните производните капацитети во соседните земји каде што цената на струјата е далеку поефтина, а голем дел размислуваат и за привремен прекин на активностите, вели Исени.

Анализата направени меѓу членството, за јули покажала за два до шест пати покачени сметки за електрична енергија а најзагрижувачка според Исени, е состојбата кај производствените компании.

-Високите трошоци за струја, моментално претставуваат голем товар за бизнисите, што без исклучок ги има погодено сите сектори. Кај производствените компании, трошоците за електрична енергија претставуваат 25 % од вкупните трошоци а од друга страна профитната маржа им е помалку од 5%, објаснува тој.

Во барањето доставено до Владата предлагаат укинување на ДДВ за електрична енергија, субвенции на дел од трошоците, забрзување на постапките за поставување фотоволтаици со што според Комората, на приватниот сектор ќе му се овозможи опстанок и ликвидност во престојниот период.