Нa валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути нагло падна од највисокото ниво во последните 20 години.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 111,90 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 113,30 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 144,50 на 144,65 јени.
Но, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 0,9820 долари, додека вчера во овој момент таа изнесуваше 0,9685 долари.
Зајакнувањето на еврото е благодарение на очекувањата дека Европската централна банка на седницата во октомври повторно ќе ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, бидејќи инфлацијата во еврозоната не стивнува.
На ова укажуваат вчера објавените информации дека во септември инфлацијата во Германија скокна на 10,9 отсто, што е највисоко ниво од 1996 година и значително повисока од очекуваното.
Американската валута ослабе и во однос на британската, на што позитивно влијаеја интервенциите на британската централна банка (БОЕ) на пазарот на обврзници со цел намалување на приносите.
На почетокот на неделата, фунтата падна на рекордно ниско ниво од 1,0327 долари поради планот на новата влада за големо задолжување за стимулирање на економијата. Сепак, фунтата закрепна по два дена интервенција на централната банка.
Утринава фунтата се тргува околу 1,1220 долари и е на пат за неделна добивка од повеќе од 2 отсто.











