Илон Маск на својот Твитер профил објави дека започнало сериското производство на електричниот Tesla Semi Truck, а првите испораки треба да започнат на 1 декември оваа година.
Tesla Semi Truck беше најавен уште во 2017 година и требаше да започне да се произведува во 2019 година, а на почетокот на 2020 година, Маск ги информираше вработените преку е-пошта дека производството сè уште не започнало.
Веќе во април истата година, Тесла во извештајот до инвеститорите објави дека испораките ќе бидат одложени до 2021 година, а подоцна беше објавено дека производството ќе започне дури во 2022 година поради глобалните проблеми со снабдувањето со делови и материјали, како и поради ограниченото производство на батерии.
Како што изгледа, конечно дојде времето за „камионот“ на Tesla кој Pepsi веќе го купи пред неколку години во 100 примероци, а Walmart и UPS се меѓу првите купувачи.
Semi ќе ги чини купувачите меѓу 150.000 и 180.000 долари, во зависност од опсегот, а во најмоќната конфигурација на батерии ќе има домет од 800 километри со едно полнење.











