Таварес: „Воведете повисоки царини за кинеските автомобили“

Кинеските брендови веќе сочинуваат пет проценти од европскиот пазар на електрични возила.

Автомобилската индустрија се менува секој ден, па не е чудно што европските производители се плашат од кинеските автомобилски компании. Таму работната сила е поевтина, трошоците за производство се помали, суровините поевтини, а сето тоа резултира со поевтини возила.

Кинеските автомобили треба да подлежат на исти тарифни стапки кога ги извезуваат своите автомобили во Европа како европските марки кога ги извезуваат своите автомобили во Кина, изјави директорот на автомобилскиот концерн Стелантис, Карлос Таварес.

Шефот на концернот, кој ги вклучува, меѓу другите, Peugeot, Fiat, Citroen и Opel, рече дека кинеските брендови во моментов плаќаат тарифи од 10 отсто при увоз на автомобили во Европската унија, додека европските производители на автомобили плаќаат тарифи меѓу 15 и 25 отсто при увоз на автомобили произведени во Европа во Кина.

Кинеските брендови како Nio, BYD, MG, Great Wall и Polestar се сè поприсутни во Европа со нивните конкурентни електрични возила. Тие во моментов сочинуваат пет проценти од европскиот пазар на електрични возила, се вели во извештајот објавен во понеделникот од еколошката лоби организација Transport & Environment.

Таварес тврди дека засега не е познато дали кинеските производители поставиле пониски цени за своите производи со цел да доминираат на европскиот пазар и подоцна да ги корегираат цените, односно да ги зголемат.