Во организација на невладината организација Македонија 2025, годинава по втор пат, од 8 до 10 октомври во Охрид, ќе се одржи Глобалниот инвестициски самит за Македонија.
Оваа година на самитот своето богато меѓународно бизнис искуство, знаење и пораки до македонските компании ќе го пренесат повеќе од 30 реномирани говорници.
Ќе се зборува на темата Конкурентност на Македонската економија и можностите за нејзино унапредување преку иновација, претприемништвото и трансфер на знаење, при што македонските компании, учеснички на Самитот ќе имаат исклучителна можност да слушнат важни бизнис идеи и алатки, а потоа истите да ги применат во своето работење.
Секој од говорниците на панелите ќе биде поканет да одговори на прашањата на учесниците на самитот.
Освен на панелните презентации и дискусии учесниците ќе имаат можност да учествуваат на пред-договорени билатерални средби. На овие средби ќе се разговара за можностите за соработка во поглед на продажни и извозни зделки, заеднички вложувања, дистрибуција, истражување, набавки, логистика и консултантски услуги.
Досега на самитот се имаат пријавено повеќе од 40 странски компании, од кои најголем дел се од САД, Канада и Европа, додека бројката на пријавени македонски компании е повеќе од 120.
Македонија 2025 ги охрабрува заинтересираните македонски компании да побараат повеќе информации за настанот на http://www.mgisummit.org/ и да го пријават своето учество до 23 септември, за да ги истражат можностите кои ги нуди самитот.