На ниво на ЕУ, цените на становите најмногу пораснале во Хрватска во последниот квартал од минатата година. За тоа сведочат податоците на Еуростат, иако, генерално, има пад на цените.
Според статистичарите, станбените квадрати во ЕУ во четвртиот квартал биле поевтини за 1,5 отсто во однос на претходните три месеци, а во еврозоната за 1,7 отсто.
Падот на цените е најголем од почетокот на 2009 година, забележува Еуростат. Во однос на третиот квартал од 2022 година, цените на станбените квадратни метри паднаа најмногу во Данска во последниот квартал – за 6,5 отсто.
Следуваат Германија и Кипар, со цени пониски за 5,0 и 4,0 отсто, соодветно.
Истовремено, Хрватска забележа скок на цените на станбените квадрати за 4,7 отсто во четвртиот квартал, во однос на третиот, кога беа повисоки за 2,8 отсто. Видлив пораст на цените забележаа и Романија и Литванија.
Споредено со крајот на 2021 година, цените на станбените недвижности во ЕУ, во последните три месеци од минатата година, се повисоки за 3,6 отсто, а во еврозоната за 2,9 отсто.
Повисоки цени се забележани и во Естонија и Унгарија.