
Ограниченото снабдување од Норвешка го вознемири пазарот.
Цената на гасот во Европа порасна во вторник на околу 400 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза ICE. Во текот на тргувањето, цената на гасот од почетокот на денот порасна за повеќе од 16 отсто.
Јулските фјучерси на гас достигнаа цена од 404 долари за 1.000 кубни метри за време на сесијата во вторникот, пред да паднат на 392,6 долари за 1.000 кубни метри на крајот од денот на тргувањето, пишува Комерсант.
Цената на јулските фјучерси за природен гас нагло порасна поради продолженото исклучување на клучните норвешки гасни постројки. Испораките од Норвешка ќе останат ограничени до средината на јули поради работата што започна во мај, што ја продлабочува неизвесноста околу снабдувањето со гас во Европа во наредните недели.
Цените беа нестабилни во јуни поради низа конкурентни фактори, вклучително и прекин на снабдувањето и топлото време во Европа и Азија, пишува Bloomberg. Најновите потези сигнализираат дека трговците остануваат чувствителни на шокови во понудата, и покрај побавната индустриска побарувачка и високите нивоа на залихи за следната зима.
Од екот на енергетската криза минатото лето, природниот гас падна во цената за повеќе од 90 отсто, бидејќи Европа го надополни складирањето и ја намали зависноста од увозот на гас од Русија. Додека ЕУ е на пат да ја исполни целта од 90 отсто капацитет за складирање гас во ноември, трговците се загрижени дека краткорочните барања би можеле да го попречат планот, пренесува Бизнис.рс.











