
Американскиот технолошки гигант Интел најави дека ќе инвестира повеќе од 30 милијарди евра во производство на чипови во Германија, а договорот со владата во Берлин вклучува 10 милијарди евра државни субвенции, пишува SEEbiz.
Пред само една недела германскиот министер за финансии Кристијан Линднер го отфрли барањето на американскиот технолошки гигант за зголемување на субвенциите за фабриката за чипови, наведувајќи ги буџетските ограничувања.
Владата обезбеди 6,8 милијарди евра државна поддршка за новата фабрика Интел, но компанијата бара таа сума да се зголеми на околу 10 милијарди евра поради повисоките трошоци за енергија и изградба.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек на почетокот на месецот изјави дека бараната сума е висока, но нагласи и дека го сакаат Интел во Германија. Интел е меѓу „големите играчи“, а производството на полупроводници е многу важно, рече тогаш министерот Хабек.
Во понеделникот, извршниот директор на Интел, Пат Гелсингер, им се заблагодари на германската влада и на покраината Саксонија-Анхалт, каде што планираат да го изградат производниот погон, за „создавањето услови за реализација на визијата за динамична, одржлива и модерна индустрија за полупроводници во Германија и ЕУ.”
Интел првично сакаше да инвестира 17 милијарди евра во фабриката во Магдебург, а таа сума сега е речиси двојно зголемена.
Првиот производствен капацитет треба да започне со работа четири до пет години откако Европската комисија ќе го одобри пакетот за субвенции, соопшти Интел.
Владата во Берлин троши милијарди евра за да привлече технолошки компании и да ги олесни проблемите со снабдувањето и зависноста од чипови од Јужна Кореја и Тајван.
„Денешниот договор е важен чекор за развојот на Германија во технолошки софистицираното производство и за нашата отпорност“, рече канцеларот Олаф Шолц.











