Поранешниот шеф на Nissan во бегство, Карлос Госн ја тужи компанијата за клевета: Бара отштета од една милијарда долари

Поранешниот шеф на Nissan, Карлос Госн, кој беше во центарот на скандалот поради бегството од судење во Јапонија, наводно го тужел производителот на автомобили барајќи отштета од повеќе од една милијарда долари.

Оваа тужба е последна во низата обиди на бизнисменот да ја отстрани дамката од своето име откако во 2018 година беше избркан од компанијата и уапсен во Јапонија поради финансиска измама, јавува Би-Би-Си.

Госн тврдеше дека наводите биле насочени кон саботирање на неговите планови за спојување на Nissan и Renault.

Додека го чекал судењето, тој успеал да побегне од Јапонија во кутија и сега живее во Либан.

Во тужбата, поднесена во Либан, се обвинуваат Нисан, две други компании и 12 поединци за кривични дела, вклучително и клевета, според Блумберг.

Тој тврди дека нивните обвинувања, дури и да се базираат на само сомнеж, ќе имаат долготрајни последици за него.

Рочиштето е закажано за септември.

Нисан одби да ги коментира овие наводи.

Штетата што Госн ја бара претставува повеќе од пет проценти од пазарната вредност на компанијата од околу 16 милијарди долари.

До неговото апсење во ноември 2018 година, Госн се прославуваше поради неговиот пресврт во Нисан. Бизнисменот роден во Бразил, израснат во Бејрут, беше главна фигура во автомобилската индустрија и имаше клучни менаџерски позиции во Рено, Мицубиши и Мишелин.

Госн ги негираше обвинувањата и го критикуваше јапонското правосудство. Тој моментално живее во Либан, каде го поминал своето детство и кој не ги екстрадира своите граѓани. Тој е на црвено известување на Интерпол издадено од Јапонија.

Фото: Facebook