САД ќе им позајмат на компаниите 8,38 милијарди евра за изградба на фабрики за батерии за електрични возила

Американското Министерство за енергетика ќе позајми 8,38 милијарди евра за заедничко вложување меѓу американскиот производител на автомобили Форд и јужнокорејската компанија SK On – изградба на три фабрики за батерии за електрични возила.

Во соопштението на министерството се наведува дека споменатите фабрики ќе се градат во сојузните држави Тенеси и Кентаки и годишно ќе произведуваат повеќе од 120 гигават-часови енергија, пренесува Ројтерс.

Овој проект се очекува да отвори приближно 5.000 градежни работни места, како и 7.500 оперативни работни места кога фабриката ќе биде оперативна.

Минатата година Министерството за енергетика на САД позајми 2,28 милијарди евра на заедничкото вложување на Џенерал Моторс и јужнокорејската компанија LG и на тој начин поддржа изградба на нови капацитети за производство на литиум-јонски батерии,  потсетува британската агенција.