Презентација на услугите на лабораториите од научните институции пред бизнис-секторот

44

Бизнис-секторот ќе има можност да се запознае со услугите на 24 лаборатории инсталирани на јавните високообразовни и научни институции.

Имено лабораториските услуги ќе бидат презентирани пред бизнисмените до крајот на месецов, при што тие ќе можат да ги видат апликациите и истражувањата што лабараториите ги прават во различни области.

Станува збор за 80-ина лаборатории кои досега ги набави Владата на РМ и во кои вложи 1,6 милијарди денари. Министерството за образование и наука ги покани компаниите да присуствуваат на јавните презентации, чиј распоред ќе го објави утре на својата веб-страница и во дневниот печат. Првата презентација ќе биде на 4 октомври на Машинскиот факултет-Скопје, а последната на 28-ми на Техничкиот факултет во Битола.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на прес-конференција рече дека на компаниите ќе им се овозможат услуги кои порано им биле тешко достапни и можни само во далечни земји за многу високи цени.

“Ќе бидат презентирани услугите на вкупно 24 лаборатории кои можат да вршат истражувачки и апликативни дејности во повеќе области кои ги засегаат компаниите, како градежништво, текстилна индустрија, информатика и комуникациски технологии, телекомуникации, дигитална аудиовизуелна продукција и постпродукција, сообраќај и транспорт, животна и работна средина, земјоделство и безбедност на храна. Во овие 24 лаборатории се инвестирани речиси 500 милиони денари и по своите специфичности тие се меѓу ретките во регионот”,  рече Ристовски.

Претставниците на стопанските комори го поздравија потегот на МОН за приближување на лабораториите до стопанството, нагласувајќи дека проверката на квалитетот на македонските производи ќе ги направи нив конкурентни на светските пазари и ќе го зголеми извозот што, пак, ќе резултира и со поголеми приходи и ќе го зајакне индустрискиот потенцијал на земјава. Очекуваат и засилување на соработката на приватниот сектор и јавните научно-истражувачки установи како клучен фактор за економски напредок.

“Компаниите ќе имаат можност да ја зголемат иновативноста, конкурентноста, а со тоа и шансите за позиционирање на своето производство на странските пазари. Незначителен број од нашите производствени капацитети можат да си дозволат да поседуваат развојни и истражувачки лаборатории, па на овој начин значително се придонесува кон нивните потреби за подобрување на квалитетот и создавање нови и конкурентни производи. Тие ќе значат и намалување на трошоците, заштеда на време и избегнување на логистиката што е потребна испитувањата да се направат во странство”, рече Митко Алексов од Сојузот на стопанските комори.