
На Волстрит цените на акциите благо паднаа во понеделникот, продолжувајќи ја негативната серија од минатата недела, бидејќи економскиот раст забавува, а централните банки продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.
Dow Jones загуби 0,04 отсто и падна на 33 714 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,45 отсто, на 4 328 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,16 отсто, на 13 335 поени.
По значителниот пад минатата недела, берзанските индекси продолжија да се лизгаат и на почетокот на новата недела.
Растот на американската економија забавува, што ќе ја притисне корпоративната заработка, додека ФЕД сигнализира натамошни зголемувања на каматните стапки оваа година бидејќи инфлацијата се уште е далеку над целните нивоа на централната банка.
И многу други централни банки на западните земји продолжуваат да ја заоструваат монетарната политика. Минатата недела британската, швајцарската и норвешката централна банка ги зголемија каматните стапки, а се очекува во јули ФЕД и Европската централна банка повторно да ја зголемат цената на парите.
Инвеститорите не се склони кон ризик поради растот на геополитичките тензии.
Претпазливоста е последица и на неизвесноста во однос на нивоата на берзанските индекси, имајќи предвид дека од почетокот на годината индексот S&P 500 порасна за повеќе од 13 отсто, што не е поткрепено со економските показатели.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,11 отсто, на 7 453 поени, а франкфуртски DAX за 0,10 отсто, на 15 813 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,29 отсто, на 7 184 поени.











