Рекордна продажба на Tesla во Кина, конкурентите се сè поблиску

Според сегашните показатели, Tesla треба да постигне уште еден рекорден квартал со својата продажба во Кина, а во исто време да се соочи со зголемен притисок од локалните конкуренти како што е BYD, кој сè повеќе го презема уделот на Tesla на најголемиот светски автомобилски пазар, пишува Reuters.

Американскиот производител на автомобили би можел да продаде 155.000 автомобили во Кина од април до јуни, што е за 13 отсто повеќе од рекордниот прв квартал, според Ши Џи, аналитичар во China Merchants Bank International Securities.

Дојче банк предвидува дека продажбата на Tesla во Кина ќе достигне 153.000 единици во вториот квартал, додека би можела да продаде вкупно 448.000 единици на глобално ниво.

– Тесла мора да продава во помалите кинески градови за да стимулира понатамошен раст, но неговиот модел за директна продажба е прескап за да ја прошири продажната мрежа во стотици такви градови – вели Јеил Џанг, директор на консултантската компанија Automotive Foresight.

BYD, од друга страна, има голема предност на пазарите бидејќи користи застапништва наместо директна продажба како американскиот конкурент.

Кина е вториот најголем пазар на Тесла по Северна Америка и дом на нејзината најголема фабрика. На почетокот на годината Tesla ги намали цените на двата застарени модели со цел да ја зголеми продажбата и да се доближи до конкурентите како BYD.

Додека помалите кинески производители на електрични возила како Nio и Xpeng се мачеа со падот на продажбата во Кина во последниве месеци, BYD го отфрли трендот и го прошири своето водство нудејќи автомобили по цена под 300.000 јуани (41.500 долари).

BYD, исто така, го достигнува Тесла на пазарите надвор од Кина, бидејќи нејзиниот извоз расте. Тој веќе го надмина Tesla во Сингапур во првите пет месеци, додека неговиот Atto 3 го надмина Tesla Model 3 во Австралија во мај.

За да се врати на вистинскиот пат и да ја зголеми продажбата, Tesla сега планира „освежени“ верзии на Model 3 и Model Y, а компанијата исто така работи со кинеските регулатори за да го одобри својот напреден софтвер за автономно возење за возачите во Кина.

Фото: Facebook