
Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц ја намали прогнозата за приспособената профитна маржа во производството на патнички возила за 2026 година на два до три проценти, од претходно очекуваните три до пет проценти, поради тешките пазарни услови во Кина и очекуваните повисоки трошоци во четвртиот квартал.
Акциите на компанијата паднаа за 3,4 проценти за време на тргувањето во вторник наутро по објавувањето на новата прогноза.
Со тоа, „Мерцедес-Бенц“ стана третиот голем германски производител на автомобили што ги намали своите очекувања за 2026 година, откако слични потези претходно презедоа „БМВ“ и „Фолксваген“.
Германските производители на автомобили се соочуваат со слаба побарувачка и сè посилна конкуренција од домашните производители на кинескиот пазар, најголемиот пазар на автомобили во светот.
Испораките на возила „Мерцедес“ во Кина, кои минатата година веќе беа на најниско ниво од 2016 година, се намалија за дополнителни 29 проценти во првите девет месеци од оваа година, завршувајќи во септември.
Извршниот директор на „Мерцедес-Бенц“, Ола Келенијус, ги повика вработените во Германија да работат понапорно без дополнителни надоместоци, додека компанијата истовремено го проширува својот производствен капацитет во Унгарија, каде што, според него, трошоците се околу 70 проценти пониски отколку во Германија.











