Соединетите Американски Држави и Холандија подготвуваат нови ограничувања за продажба на опрема за производство на чипови, што е продолжување на напорите на овие земји да спречат нивната технологија да се користи за воени цели во Кина.
ASML Holding, водечкиот холандски снабдувач на опрема за производство на полупроводници, како што објави Ројтерс, дополнително ќе го ограничи извозот на своите алатки во Кина, додека САД треба да спречат уште повеќе холандска опрема да стигне до кинеските фабрики.
ASML е најголемата европска компанија за производство на чипови.
Холандската влада и ASML одбија да ги коментираат информациите, како и американското Министерство за трговија, кое ги надгледува извозните контроли. Минатата година, САД воведоа ограничувања за извозот на испораките на американски алатки за производство на чипови во Кина.
Испораките на алатки произведени од американските компании Lam Research и Applied Materials се ограничени поради национална безбедност, додека САД истовремено бараат од производителите од други земји да воведат слични ограничувања.
Јапонските компании за опрема за чипови Nikon Corp и Tokio Electron Ltd. усвоија правила за ограничување на извозот на 23 типа опрема за производство на полупроводници, кои ќе стапат на сила на 23 јули.