
Откако 23-те најголеми американски банки успешно го поминаа тестот за рецесија, гигантите како JP Morgan Chase, Wells Fargo и Morgan Stanley ги зголемија своите дивиденди.
Инаку, овогодинешниот тест се базираше на сценариото за сериозна светска рецесија со 40 отсто пад на цените на комерцијалните недвижности.
Според CNBC, JP планира да ја зголеми исплатата на 1,05 долари по акција, од 1 долар, почнувајќи од третиот квартал, се вели во соопштението на банката со седиште во Њујорк.
– Планираното зголемување на дивидендата на управниот одбор претставува одржливо и скромно повисоко ниво на распределба на капиталот кон нашите акционери – изјави извршниот директор на оваа банка, Џејми Димон.
Тестот, чии резултати ги објави ФЕД во средата, диктира колкав капитал банките можат да им вратат на акционерите преку откуп и дивиденда.
На овогодинешниот испит, банките поминаа низ „тешка глобална рецесија“ при што невработеноста се искачи на 10%, вредноста на комерцијалните недвижности падна за 40%, а цените на становите за 38%.
Сепак, откако го поминаа тестот, Wells Fargo рече дека ќе ја зголеми својата дивиденда на 35 центи по акција од 30 центи, а Morgan Stanley рече дека ќе ја зголеми својата исплата на 85 центи по акција – од 77,5 центи.
Голдман Сакс го објави најголемото зголемување по акција меѓу големите банки, зголемувајќи ја својата дивиденда на 2,75 долари по акција, од 2,50 долари.











