Волстрит падна по објавувањето на записникот на ФЕД

На Волстрит берзанските индекси благо паднаа во средата бидејќи инвеститорите се внимателни по објавувањето на записникот од последната седница на американската централна банка, а во пресрет на американскиот извештај за вработување.

Dow Jones загуби 0,38 отсто, на 34.286 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 4.446 поени, а индексот Nasdaq 0,18 отсто, на 13.791 поени.
Записниците од состанокот на ФЕД во јуни покажаа дека сите лидери на централните банки се согласија да ги остават каматните стапки непроменети додека не се види како досегашното заострување на монетарната политика влијаеше на економијата и на инфлацијата.

Пазарот на пари проценува дека е речиси сигурно дека ФЕД на состанокот овој месец ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени.

Инвеститорите, пак, се надеваат дека ова ќе биде последното поскапување на парите во овој циклус кој трае повеќе од една година. Сепак, тоа ќе зависи од идните економски показатели.

Затоа, со претпазливост се чека извештајот за вработување во САД за јуни, кој ќе биде објавен во петок.

„Инвеститорите се претпазливи, чекаат понатамошен развој на ситуацијата. Како што одлуките на ФЕД зависат од идните економски показатели, така зависи и пазарот, објаснува Пол Нолте, стратег во Марфи и Силвест Велт Менаџмент.

Најмногу вчера паднаа цените на акциите во рударскиот сектор, во просек за 2,5 отсто, што е последица на падот на цените на суровините.

Имено, инвеститорите се загрижени поради забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на суровини, што може да ја ослаби побарувачката на суровини.

Меѓу губитниците беа акциите на производителите на чипови. Имено, откако САД неодамна воведоа ограничувања за извоз на некои видови чипови во Кина, кинеските власти најавија ограничување на извозот на два ретки минерали, кои се користат за производство на чипови, во западните земји.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,03 отсто, на 7.442 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,63 отсто, на 15.937 поени, а париски CAC 0,80 отсто, на 7.310 поени.