Американската индустрија за чипови против санкциите за Кина

Според Стејт департментот, извршните директори на големите американски компании за производство на чипови се сретнале со највисоките претставници на американската администрација за да разговараат за политиката на Кина. Најмоќната лоби група во секторот за полупроводници повика на запирање на новите ограничувања што ги разгледува владата.

Државниот секретар Ентони Блинкен разговараше со извршните директори на компаниите за чипови за индустријата и синџирите на снабдување по неодамнешното патување во Кина, соопшти неговата канцеларија, според Ројтерс.

Секретарот за трговија Џина Рајмондо и директорот на Советот за национална безбедност Џејк Саливан беа меѓу владините претставници кои се состанаа со директори од Интел, Квалком и Нвидија.

Индустријата за чипови се обидува да го зајакне својот профит во Кина, бидејќи администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден размислува за уште една рунда ограничувања за извозот на чипови во Кина. Минатата година Кина купи полупроводници во вредност од 180 милијарди долари, што е повеќе од една третина од вкупните глобални набавки од 555,9 милијарди долари, според податоците на Здружението за индустрија на полупроводници (SIA).

Според соопштението на Стејт департментот, Блинкен сакал да ги сподели своите ставови за прашањата на индустријата и синџирот на снабдување и директно од тие компании да слушне како тие гледаат на овие прашања и како гледаат на нивниот бизнис во Кина. Владата на САД е фокусирана и на пристапот на Кина до најсофистицираните чипови за вештачка интелигенција.