
Нето добивката на американската банка Морган Стенли падна во вториот квартал за 13 отсто. Управувањето со богатството, на кое се фокусираше банката, не успеа да ги надомести загубите предизвикани од падот на тргувањето.
Морган Стенли објави нето приход на акционерите од 2,2 милијарди долари во вториот квартал, што е во согласност со проценките на аналитичарите, но е намалено од 2,5 милијарди долари една година порано, пишува Фајненшл тајмс.
Во изјавата на извршниот директор на банката, Џејмс Горман, беше оценето дека банката постигнала солидни резултати во предизвикувачко пазарно опкружување. „Кварталот започна со макроекономски неизвесности и пригушена активност на клиентите, но заврши со поконструктивна нота“, рече Горман.
Под негово водство, Морган Стенли значително порасна во постабилни бизниси, како што се управувањето со богатството и средствата, во обид да ја направи својата заработка помалку нестабилна. Сепак, банката на Волстрит останува ранлива на пазарните промени, при што тргувањето и инвестициското банкарство страдаат од забавување на целата индустрија.











