
На кинеските берзи денеска цените на акциите паднаа, трет ден по ред, бидејќи инвеститорите се загрижени поради бавниот раст на втората по големина светска економија, додека другите регионални берзи го следат растот на Волстрит.
Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион беше во минус од 0,3 отсто околу 07:00 часот, слабеејќи трет ден по ред. Истовремено, на токиската берза индексот Никеи зајакна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,5 отсто. Во Јужна Кореја, Шангај и Хонг Конг, пак, тие паднаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто.
Берзите во Кина под притисок
Кинеските берзи сè уште се под притисок поради неодамна објавените податоци кои покажаа дека тамошната економија закрепнува од кризата со корона побавно отколку што се надеваа инвеститорите.
Ова е последица на слабоста и на домашната и на странската побарувачка. И странската побарувачка нема да закрепне се додека централните банки на западните земји ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, која го забавува растот на економиите.
Берзанските индекси во Јапонија и Јужна Кореја го следат вчерашниот раст на Волстрит. Dow Jones зајакна за 1,1 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,7 отсто, а Nasdaq индексот за 0,8 отсто.
Во исто време, најмногу порасна индексот S&P 500 на банкарскиот сектор, 1,9 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на март, кога секторот го потресе колапсот на неколку банки.











