
Продажбата и извозот на шампањ годинава ќе се намали под притисок на инфлацијата, оценува француското здружение на производители Comite Champagne, истакнувајќи ја високата споредбена основа во постпандемиската 2022 година.
Оваа година француските производители ќе продадат 315 милиони шишиња шампањ, процени здружението, 3,4 отсто помалку отколку во 2022 година.
Во првото полугодие продадени се 125,8 милиони шишиња, за 4,7 отсто помалку од истиот период лани. Извезени се 77,7 милиони шишиња, за 3,7 отсто помалку. На домашниот пазар продажбата е намалена за 6,3 отсто, на 48,1 милиони шишиња.
„Падот на продажбата во Франција се припишува на инфлацијата“, рече портпаролката на здружението, додека извозот е тешко да се споредува поради силните резултати во првата половина од минатата година, поврзани со укинувањето на ограничувањата за пандемијата.
„Повеќе сме склони да оцениме дека ситуацијата е нормализирана, по период со Ковид“, додаде таа.
Според проценките на производителот, продажбата треба да остане на овогодинешното ниво во следните три години, рече таа.











