Повеќе од 200 светски компании сè уште работат во Русија

95

Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, голем број западни компании го напуштија рускиот пазар во знак на протест. Сепак, истражувачите од Јеил проценуваат дека повеќе од 200 глобални компании сè уште работат нормално во Русија.

Некои од најголемите светски корпорации, вклучувајќи ги Heineken и производителот на грицки Mondelez, останаа во Русија и продолжија со своето работење.

Повеќе од една година подоцна, компаниите кои одлучија да останат во Русија се во се потешка позиција бидејќи заминувањето стана поскапо и комплицирано, а останувањето стана поризично, наведува Си-Ен-Ен.

Компаниите сега се фатени меѓу западните санкции и гневот на јавноста од една страна и се понепријателскиот однос на руските власти од друга. Кремљ им отежнува на западните фирми да ги продаваат своите руски средства и наметнува големи попусти и казнени даноци кога тоа го прават.

Наредба на Путин за национализација на имотот

Искуството на францускиот производител на јогурт Данон и данскиот производител на пиво Карлсберг даваат одличен пример за длабока државна интервенција што може да ги снајде и другите странски компании кои се надеваат да се повлечат од Русија.

Додека двете компании ја финализираа продажбата на локалните купувачи, претседателот Владимир Путин потпиша наредба за национализација на нивните локални средства.

По ова, Карлсберг рече дека изгледите за продажба на пиварницата Балтик, една од најголемите руски компании за стока за широка потрошувачка, сега се „многу неизвесни“.

Данон соопшти дека ќе резервира отпис од 200 милиони евра за својот бизнис во Русија, додавајќи на претходно пријавените 500 милиони евра. Иако тој останува „законски сопственик, тој повеќе не ја задржува управната контрола“.

„Прозорецот за излегување на Русија е речиси затворен“, изјави за Си-Ен-Ен Марија Шагина, експерт за санкции во Меѓународниот институт за стратешки студии.

178 компании „купуваат време“

Повеќе од 1.000 странски компании ја напуштиле или ја прекинале работата во Русија по избувнувањето на војната, според студијата на Универзитетот Јеил.

Поттикнати од силните западни санкции, нафтените компании, производителите на автомобили, технолошките фирми, консултантите и банките го предводеа почетниот бран на заминувања. Мекдоналдс продаде повеќе од 800 локални ресторани, отпишувајќи повеќе од 1 милијарда долари во тој процес.

Но, истражувачите од Јеил проценуваат дека повеќе од 200 компании од целиот свет продолжуваат да работат главно во Русија. Дополнителни 178 фирми „купуваат време“, што значи дека ги прекинале новите инвестиции и го намалиле работењето, но се уште се присутни во земјава.