Штетите од поплавите во Словенија надминуваат 500 милиони евра

Словенија ги повика Европската унија и НАТО за помош за отстранување на последиците од поплавите, во кои загинаа најмалку три лица и предизвикаа материјална штета која се проценува на повеќе од половина милијарда евра.

Згради, патишта и мостови беа оштетени или уништени во најголемата природна катастрофа во историјата на независна Словенија, изјави премиерот Роберт Голоб, пренесува Фајненшл тајмс. Огромно количество дожд наврна во петокот во Словенија, што претставува месечен просек, покажуваат податоците на националната метеоролошка служба.

Илјадници луѓе беа евакуирани, а армијата употреби хеликоптери за да ги спаси затрупаните во поплавите. Десетици илјади домаќинства останаа без струја. Две третини од земјата претрпеа штети, а регионот на северна Корушка беше најтешко погоден. Причинетата штета надминува 500 милиони евра, процени Голоб.

Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарич му вети на Голоб „итна помош“ од солидарниот фонд на ЕУ и други механизми за поддршка. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вети дека ќе ја активира поддршката по потреба.

Словенија објави дека побарала помош преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во форма на тешка механизација и инженерски единици за отстранување на отпадот и расчистување на патиштата. Владата, исто така, побара воени хеликоптери, војници и понтонски мостови од координативниот центар на НАТО за одговор при катастрофи.

Фото: facebook