Кина падна во дефлација, на азиските берзи загриженост

На азиските берзи се тргува претпазливо утринава, откако најновите податоци покажаа дека Кина западна во дефлација, што е лош знак за глобалната економска перспектива, иако може да дејствува како амортизер на глобалните инфлациски процеси. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции се зголеми за 0,4 отсто до 6:30 часот, закрепнувајќи по потонувањето за 1,2 отсто претходниот ден.

Најважните кинески индекси ослабеа
Во исто време, индексот Никеи е во минус од 0,5 отсто. Ослабнаа и најважните кинески индекси, шангајскиот за 0,36 отсто и Хонгконг за 0,06 отсто. Во благ плус се јужнокорејскиот Коспи и австралискиот ASX. Со нетрпение очекуваните податоци за потрошувачките цени во јули во Кина покажаа пад од 0,3 отсто на годишно ниво, што е прв таков пад од февруари 2021 година. Производните цени исто така паднаа, 10-ти месец по ред.

По разочарувачките податоци за трговијата на Кина со светот еден ден претходно, последните податоци ја поттикнаа загриженоста на инвеститорите за глобалната економска перспектива. Бразил, уште една голема светска економија, исто така потона во дефлација, забележувајќи поголем од очекуваниот пад на потрошувачките цени во јули, а централната банка на земјата ги намали каматните стапки за половина процент минатата недела.

„Свесни сме за лекциите од минатото“
„Како што стојат работите, креаторите на политиката конечно почнаа да ги олабавуваат монетарните политики и веруваме дека овие напори ќе продолжат се додека не се појават јасни знаци за подобрување на агрегатната побарувачка. Сепак, свесни сме за лекциите од минатото дека ако монетарните политики се заострат премногу рано во раните знаци на закрепнување, тоа ќе го зголеми ризикот од паѓање во должничка-дефлациска јамка“, рече Четан Ахја, главен економист за Азија во Морган Стенли.

Пазарите сега со нетрпение ги очекуваат податоците за инфлацијата во САД во јули, што треба да им даде нови насоки за понатамошни поместувања на каматните стапки на ФЕД.

Побарувачката на доларот како рај за капитал
Во такви услови, индексот на доларот, кој ги следи перформансите на американскиот долар во однос на кошницата од шесте најважни светски валути, порасна за 0,4 отсто во однос на претходниот ден, на 102,49 поени.

Порастот на индексот на доларот е резултат на инвестициите во активи во долари бидејќи инвеститорите бараат засолниште за капитал во ризични услови додека кинеската економија тоне во дефлација, а Мудис ги намалува рејтинзите на американските банки. Затоа, курсот на доларот зајакнува и покрај сè поверојатната промена во монетарната политика на ФЕД.