HTC: Прва квартална загуба од 2002

51

HTC_One_360_WideОткако HTC стана јавна компанија во 2002 година, бележеше само позитивни резултати. Пред неколку дена беше објавен последниот квартален извештај, според кој HTC бележи загуба од 100 милиони долари.

HTC беше еден од предводниците на пазарот на Андроид платформата, но полека ја губи битката, најмногу под влијание на Samsung.

Последниот негативен резултат е последица на неуспешниот обид со моделот HTC One да вратат дел од корисниците. Според аналитичарите, иако продажбата оди солидно, тоа не е доволно да се поправат финансиските резултати, затоа што маркетинг и производствените трошоци ги надминуваат приходите од продажбата.

Според податоците на истражувачката компанија IDC, тајванската компанија во 2012 година имала удел од 4,6% на светскиот пазар на паметни телефони, што е значително помалку во однос на 8,8% во 2011 година. Лани Samsung имал удел од 30,3%, а Apple од 19,1%.

Минатата недела Блумберг пишуваше дека Microsoft преговара со HTC да го додаде Windows оперативниот систем на своите Андроид паметни телефони. Во исто време, Microsoft размислува да ја укине таксата за лиценца со што оваа идеја ќе му биде попривлечна на HTC. Се уште не е јасно дали телефоните ќе работат на двата оперативни системи или корисниците ќе мораат да се одлучат за еден.