На работна средба со германски стопанственици, вицепремиерот Владимир Пешевски денеска ги претстави инвестициските можности што ги нуди Република Македонија. Акцентот беше ставен на секторот енергетика, условите во технолошко-индустриските развојни зони и брзите, ефикасни постапки за отворање и водење бизнис кои ја рангираат Македонија меѓу државите со најниски трошоци на ова поле во Европа.
Како што информира владината прес-служба, вицепремиерот се осврна на поволните услови за странските инвеститори, особено на реформите и мерките кои Владата ги презема во насока на подобрување на деловната клима, бизнис опкружувањето и даночната политика.
“Реализирање што поголем број странски инвестиции преку континуирано унапредување на условите за водење бизнис и постојани средби и состаноци со бизнис заедницата и овозможува на државата дополнително да ги развива бизнис можностите за компаниите во Република Македонија”, рече Пешевски на средбата.
На работниот состанок присуствуваа и министерот задолжен за странски инвестиции Бил Павлевски, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија Гудрун Штајинакер, директорите на Стопанска комора Нинберг за централна Франконија и Стопанска комора на Германија во Македонија и претседателот на Македонско- Германското стопанско здружение.
Состанокот го организираа Министерството за економија, инфраструктура, сообраќај и технологија на СР Германија, Стопанската комора Нирнберг за централна Франконија и Македонско-германското стопанско здружение.