Исланд е најбезбедна земја во светот – на кое место е Македонија

81

Исланд е на врвот на листата на најбезбедни земји во светот, а по неа се Данска и Ирска, според најновата листа на Глобалниот индекс на мир на Институтот за економија и мир.

Исланд се смета за најбезбедна земја за туристи кои летуваат, бидејќи е оценета како политички стабилен и има ниска стапка на криминал.

Извештајот претставува најсеопфатна анализа направена врз основа на досегашните податоци за трендовите во мирот, неговата економска вредност и начинот на развој на мирните општества. Во подготовката на извештајот се земени предвид 23 квалитативни и квантитативни показатели, меѓу кои се перцепцијата на криминалитетот, стапката на убиства, насилните демонстрации, политичката нестабилност, увозот и извозот на оружје, влијанието на тероризмот, можноста за нуклеарно и тешко оружје итн.

На листата од 163 земји, меѓу првите 10 се Данска, Ирска, Нов Зеланд, Австрија, Сингапур, Португалија, Словенија, Јапонија и Швајцарија.

Од земјите во регионот најдобро позиционирана е Словенија (8), потоа Хрватска (14), Северна Македонија (38), Црна Гора (45), Босна и Херцеговина (61), а Србија е на 65. место.

Соединетите Американски Држави се на 131 место, Велика Британија на 37 место, Германија на 15 место.
Како најмалку безбедни се означени Авганистан (163), Јемен (162), Сирија (161), но и Русија (158) и Украина (157).

Во извештајот се наведува дека просечното ниво на мир во светот е влошено за 0,42 отсто, што е деветта година по ред како глобалниот мир се влошува. Се додава дека минатата година 84 земји забележале подобрување, додека 79 земји забележале влошување на мирот.

Конфликтот во Украина беше идентификуван како главна причина за влошување на мирот, иако интензитетот на конфликтот растеше низ светот уште порано.