Mercedes го претстави новиот AMG GT со потпис на Славче Таневски

144

Водечкиот спортски автомобил на AMG, новиот GT, доаѓа со 585 КС, стандарден погон на сите тркала и потпис од македонскиот дизајнер Славчо Таневски

Mercedes премиерно ја покажа втората генерација на спортскиот автомобил AMG GT на Неделата на автомобили во Монтереј. Новиот AMG GT нуди еволутивен пристап во стилот, но носи подобрена удобност и практичност кои доаѓаат со опционален распоред 2+2, а за сето тоа е заслужен македонскиот дизајнер Славче Таневски. Новата генерација на GT е ексклузивно понудена во форма на купе и ја содржи најновата технологија за перформанси и шасија од AMG вклучувајќи стандарден променлив систем за погон на сите тркала.

Новиот GT останува веднаш препознатлив иако секое парче од каросеријата е редизајнирано. Предниот дел се одликува со решетка на Panamericana со сјајна црна екстензија одоздола која потсетува на актуелната Black Series изведба. Предните светла имаат помеки кривини, додека тенките задни светла сега се поврзани преку украсно парче под активниот заден спојлер. Моделот стандардно вози на тркала од 20 инчи, но достапен е и со опционални легури од 21 инчи.

Изразените задни раменици изгледаат уште пошироко, додека пропорциите се поизбалансирани од порано. Ова се должи на фактот дека новиот AMG GT е подолг за 182 mm со димензии 4.728 mm, со меѓуоскино растојание од 2.700 mm кое е подолго за 70 mm. Новата генерација е исто така 45 mm поширока и 66 mm повисока во споредба со нејзиниот претходник.

Подобрувања во внатрешноста

И покрај познатиот изглед и пропорции, AMG GT се заснова на нова архитектура направена од алуминиум, челик, магнезиум и композити од влакна (стакло и карбон), што овозможува дополнителен простор за распоредот 2+2 и поголем багажник.

Кога сме кај внатрешноста, контролната табла со 12,3-инчен дигитален инструмент и 11,9-инчен инфозабавен екран е пренесена од SL. Воланот AMG Performance и седиштата со вградени потпирачи за глава кои се опционално вентилирани создаваат врвна, но сепак спортска атмосфера. Просторот одзади изгледа прилично тесен како кај повеќето 2+2 модели, при што задните седишта се погодни за деца или поединци со висина до 1,5 метри. Капацитетот на товарот се движи помеѓу 321 литри до 675 литри што го прави погоден за подолги патувања.

Две верзии со V8

Битурбо 4.0-литарскиот V8 мотор е ажуриран со поголема моќност и вртежен момент додека е компатибилен со регулативите за емисија на издувни гасови Euro 7. При лансирањето, моделот ќе биде достапен во две верзии со погон на V8. Почетното ниво 55 произведува 476 КС и 700 Nm вртежен момент што овозможува спринтот од 0-100 км/ч да се достигне за 3,9 секунди пред да забележи максимална брзина од 295 км/ч. Помоќниот GT 63 произведува 585 КС и 800 Nm вртежен момент, забрзувајќи од 0-100 км/ч за 3,2 секунди пред да достигне максимални 315 км/ч.

Спортскиот автомобил е ексклузивно достапен со 9-брзински AMG Speedshift автоматик кој сега е поставен зад моторот со мокра стартна спојка наместо конвертор на вртежен момент. За разлика од неговиот претходник со погон на задните тркала, GT сега доаѓа стандардно со целосно променливиот систем со погон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+. Стандардниот комплет, исто така, вклучува технолошки поволности како суспензијата AMG Active Ride Control со активна стабилизација на тркалата, електронски контролиран диференцијал за блокирање на задната страна, активно управување на задната оска и активна аеродинамика.

Како што веќе напоменавме погоре, зад дизајнот на овој модел стои Славче Таневски, долгогодишен дизајнер на Mercedes-Benz и Mercedes-AMG. Со дизајнирањето на новиот AMG GT, тој го прошири своето портфолио откако претходно го дизајнираше и SL, механички поврзаниот модел со AMG GT, како и голем број други модели на германската марка, меѓу кои EQS SUV и EQA, со што на најдобар можен начин ја промовира Македонија на меѓународната автомобилска сцена.

Преземено од Avtoplus.mk