Стапката на инфлација во Турција повторно порасна: Сега е на 61,5 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција скокна трет пат по ред во септември, на 61,5 отсто од августските 58,9 отсто, објави Турскиот институт за статистика – Туркстат.

Како што е наведено на веб-страницата на оваа организација, во септември најмногу пораснале цените на услугите во хотелите, рестораните и кафулињата – за 92,4 проценти, како и во секторот образование – 80,9 проценти и во здравствениот сектор – 79,8 отсто.

Најмалку се зголемени трошоците за домување – за 20,1 отсто, облеката и обувките за 32,5 отсто, како и во областа на комуникациите – за 46,6 отсто. На месечно ниво цените се зголемени за 4,75 отсто во однос на август.

Како што јави агенцијата Ројтерс, Турција на почетокот на септември објави среднорочна економска програма од 2024 до 2026 година, во која се предвидува инфлацијата да биде 65 отсто на крајот на оваа година.

Оваа програма предвидува дека инфлацијата во Турција ќе падне на 33 отсто во 2024 година, а на 15,2 отсто во 2025 година, додека на крајот на 2026 година би требало да биде 8,5 отсто.