ЕЦБ: Кризата на пазарот на комерцијални недвижности може да трае со години и да ги загрози банките и инвеститорите

Кризата во секторот на комерцијални недвижности во еврозоната може да трае со години, соопшти во вторникот Европската централна банка (ЕЦБ).

Тие рекоа дека нарушувањето на тој пазар може да претставува сериозна закана за банките и инвеститорите кои инвестирале таму во претходниот период.

Извештајот на ЕЦБ кој ги истражува заканите за финансиската стабилност ја истакна зголемената загриженост за имотниот бум што сега се расплетува во земји како Германија и Шведска.

Цените на комерцијалните недвижности беа погодени од економската слабост и високите каматни стапки во текот на изминатата година, што ги доведува во прашање профитабилноста и деловниот модел на секторот, велат од ЕЦБ.

Секторот, според нив, не е доволно голем за да создаде системски ризик за кредиторите, но може да ги зголеми шоковите во целиот финансиски систем и во голема мера да влијае на финансиските фирми, од инвестициските фондови до осигурителните компании, колективно познати како „банки во сенка“.

„Иако релативно ограничената големина на портфолијата на банките со комерцијални недвижности имплицира дека веројатно нема сами да доведат до системска криза, тие би можеле да играат значајна засилувачка улога во случај на поширок стрес на пазарот“, се вели во извештајот на ЕЦБ со наслов „Финансиска стабилност“.

ЕЦБ го објави својот извештај во време кога се појавија длабоки пукнатини на пазарот на недвижности на најголемата економија во еврозоната, Германија, пишува Ројтерс, додавајќи дека ненадејниот пресврт на каматните стапки турна некои инвеститори во банкрот и ги стави во мирување работните места и градежништвото.